Конзорциумот „Мали хидроелектрани“ (МХЕ) во чиј состав влегуваат „ГД Гранит“ АД – Скопје и „Феро инвест“ ДОО – Велес, од Европската банка за обнова и развој ќе добие заем во вредност од шест милиони евра за изградба на седум мали хидроелектрани лоцирани на седум различни реки низ земјава: Кркљанска река, Крива река, Каменичка река, Брбушница, Кранска река, Брајчинска река и Селечка река. Вкупниот инсталиран капацитет на електраните ќе биде 5,83 мегавати и според најновите проценки се очекува годишно да произведуваат 21,63 гигават часови електрична енергија.
Концесискиот договор за овие седум мали хидроелектрани беше потпишан во ноември минатата година. Според него концесијата се доделува на период од 20 години, а рокот за изградба е три години, односно ноември 2012. Енергетските капацитети на МХЕ ќе бидат поврзани со македонската дистрибутивна мрежа, при што конзорциумот ќе има договори за повластен откуп со МЕПСО, кој ќе се врши согласно посебна тарифна шема наменета за проекти за обновлива енергија. МХЕ ќе можат да добијат и стимулации по основ на намалување на емисијата на јаглерод диоксид.