Во два објекта во Кочани и Македонски Брод со 53 социјални станови ќе најдат покрив под глава семејства кои припаѓааат на седум категории на социјално ранливи граѓани. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција информираше дека денеска е распишан јавниот оглас за оваа намена, којшто ќе трае до 6 август. Распределбата на становите ќе се изврши по електронски пат, при што во Кочани се обезбедени 43 социјални станови, додека во Македонски Брод вкупно 10 вакви живеалишта.
„Социјалните станови ќе се распределуваат во транспарентна постапка преку електронска распределба согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп. Исто така сакам да напоменам дека предност при добивањето на стан ќе имаат децата без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители“ изјави министерот Сугарески.