Претходна статија
Предадена во употреба пречистителната станица за отпадни води во Прилеп
Следна статија
ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ на швајцарскиот архитект Алфред Рот

ЈСП ќе се задолжи со 10 милиони евра за новите еко – автобуси

Објавено на 03.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Од идната година по скопските улици ќе се возат најмалку 30 нови автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП – Скопје без клима уреди. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска информираше дека ова јавно претпријатие ќе подигне кредит во висина од 10 милиони евра од меѓународна финансиска институција за да ги набави новите еко – автобуси. За да се обезбеди задолжувањето е неопходно да се добие државна гаранција.

 

 

„Бидејќи е утврден начинот на финансирање за планираните нови автобуси, динамиката на целиот проект предвидува на есен да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите. Автобусите ќе бидат нископодни, и планираме две третини од нив да бидат зглобни, а една третина единечни“ изјави градоначалникот Шилегов. Тој додаде дека експлоатацијата на четири еко – автобуси во изминативе недели довела до добивање јасни параметри за тоа какви автобуси му се потребни на Скопје во иднина.

 

Шилегов објасни дека набавката на новите автобуси може двојно да ги намали трошоците за гориво во споредба со старите дизел автобуси, да ја намали емисијата на јаглерод диоксид во воздухот во Скопје и да го подобри функционирањето на ЈСП – Скопје. Скопскиот градоначалник додаде дека во осовременувањето на возниот парк ќе бидат вклучени и приватните превозници, за кои се предвидени субвенции за набавка на нови еколошки автобуси, како и за адаптација на истите на природен гас.