Претходна статија
ЈСП ќе се задолжи со 10 милиони евра за новите еко - автобуси
Следна статија
Почна најавената реконструкција на средните училишта во Скопје

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ на швајцарскиот архитект Алфред Рот

Објавено на 04.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ е едно од најрепрезентативните донирани зданија по скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година. Објектот е подарок за жителите на Скопје од Швајцарија. Швајцарската влада во 1964 година го задолжила светски познатиот архитект Алфред Рот да изработи проект за изградба на ова училиште во центарот на Скопје. По завршувањето на фазата проектирање, швајцарскиот архитект Алфред Рот и инженерот Карл Хубахер пристигнале во Скопје и одржале конференција за печат за да изнесат детали за изградбата на идното здание.

 

*Весникот „Нова Македонија“ во детали известила за проектот изработен од архитект Алфред Рот

 

Како што известил весникот „Нова Македонија“ во тоа време, инвестицијата е реализирана од Швајцарскиот акционен комитет за помош на Скопје, во чиј фонд доброволно донирале средства швајцарската влада, колективи и граѓани од оваа земја. Ова образовно здание било поголемо по квадратура во споредба со основните училишта во Швајцарија, наведува „Нова Македонија“ во својот извештај. Проектот предвидувал изградба на 18 училници што ќе примат околу 600 ученици. Проектираното здание имало простории за рачна работа, за физичко образование, научни простории, работилници, библиотека, училиштен ресторан, сала за музичко образование и други содржини.

 

Архитектот Алфред Рот се одлучил да испроектира катови на училиштето што се скалести, со училници свртени кон југ, при што самата конструкција на објектот требало да обезбедува проветрување. Договорот за изградба на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ е потпишан на 5 септември 1966 година од Валтер Бринголф, претставник на Акциониот комитет на швајцарската група на Интерпарламентарната унија за помош на Скопје и Драгољуб Ставрев, претседател на Фондот за помагање на обновата на Скопје. Веднаш по потпишувањето на договорот е поставен и камен – темелникот на ова здание, на кое присуствувале Алфред Рот и Карл Хубахер.

 

*Извештај од поставувањето камен – темелник за новото училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“

 

Швајцарија за изградбата на ова основно училиште одвоила финансиски средства во висина од 1,8 милиони швајцарски франци. Образовното здание е пуштено во употреба на 12 јануари 1969 година. На настанот присуствувал швајцарскиот амбасадор во Југославија Ханс Келер, проектантот на училишната зграда Алфред Рот, инженерот Карл Хубахер и републичкиот секретар за образование Томислав Чокревски. Објектот е ставен во функција за учениците на денот кога е роден познатиот швајцарски педагог Јохан Хајнрих Песталоци.

 

Училишната зграда е изградена на местото на некогашното училиште „Његош“. Парцелата со површина од 9.190 метри квадратни била дадена од Градот Скопје за да се изведе овој објект. Модерниот израз на архитектонскиот дизајн и неговата функционалност пленат и по половина век од изградбата на овој училишен објект. Па, така и универзитетската професорка Ана Ивановска Дескова го посветува својот магистерски труд на темата „Утврдување на методи и постапки за заштита на објекти од периодот на модерната во Р.Македонија, преку примерот на основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“. 

Професорот Михаил Токарев во својот труд „50 години обнова и изградба на Скопје“ ќе напомене дека училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ е првиот општествен објект изграден во Скопје по земјотресот. Архитектонското здание е издигнато од натур – бетон, со асеизмичко темелење врз гумени перници (амортизери). Самиот Алфред Рот во едно од своите обраќања пред скопската јавност ќе истакне дека станува збор за прв објект во светот по својата сложена конструкција.

Славниот архитект Алфред Рот студирал архитектура на ЕТХ Универзитетот во Цирих. Во 1927 година работел во студиото на Ле Корбизје во Париз. Во 1931 година го отвора своето архитектонско студио, а во својата богата професионална кариера дизајнирал значајни објекти во Швајцарија, САД, Шведска и други земји. Во повоениот период соработувал со финскиот архитект Алвар Алто. Автор е на неколку значајни архитектонски книги, а предавал архитектура и на Харвард. Алфред Рот се смета за еден од најзначајните претставници на модернистичката архитектура во текот на дваесеттиот век.

 

*Весникот „Нова Македонија“ редовно на насловните страници го проследувал текот на изградбата на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk