Претходна статија
На „Ленинова“ се руши незаконски поставената опрема од угостителски објекти
Следна статија
Државата и Општина Кавадарци ќе соработуваат при изведбата на инфраструктурни проекти

Владата ќе го стимулира развојот на охридскиот аеродром за нискобуџетни летови

Објавено на 28.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција информираше дека е распишан Јавниот повик за доставување барања за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници. Владата за периодот 2018 – 2021 година е подготвена да издвои субвенции во висина од 312,4 милиони денари (5 милиони евра) за натамошен развој на авиосообраќајот, но и очекува од авиопревозниците да овозможат позасилен развој на охридскиот аеродром во наредниот период.

 

 

Во јавниот повик се поставени неколку услови за авиопревозниците, вклучувајќи го и воспоставувањето на база од најмалку еден воздухоплов на „Меѓународниот аеродром Скопје“ и на „Св. Апостол Павле“ во Охрид најдоцна до 1 декември годинава. Еден месец порано, оваа авиокомпанија ќе треба да има отворено најмалку две нови авио линии од „Меѓународниот аеродром Скопје“. Услов за добивање на субвенциите е и да се отворат четири нови дестинации од охридскиот аеродром, од кои две треба да започнат со оперирање до крајот на 2018 година, додека останатите две линии да се воведат во рок од една година по склучувањето на договорот.

 

Новопонудените дестинации треба да се одржуваат минимум два пати неделно, при што понудените дестинации од скопскиот аеродром не треба да се совпаѓаат со авио линиите што би се овозможиле од аеродромот во Охрид. Новите дестинации од двата аеродрома не треба да се опслужувани со редовен воздухопловен превоз во последните две ИАТА сезони. Наспроти ваквите услови, владата е подготвена да издвои еднократна финансиска помош од 40.000 евра за секоја нова дестинација воведена од македонските леталишта.

 

Авиокомпаниите за секоја нова дестинација од Скопје и од Охрид ќе добијат финансиска поддршка, и тоа за скопскиот аеродром во износ од 9 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 8 евра во втората и 7 евра во третата година. Финансиската помош од охридскиот аеродром би изнесувала во висина од 13 евра по патник во заминување во првата година, 12 евра по патник во втората и 11 евра по патник во третата година од договорот.

 

Рокот за поднесување барања од заинтересираните авиокомпании е 27 јули годинава. Министерот Горан Сугарески напомена дека ќе се избере авиопревозник што ќе обезбеди раст на авиосообраќајот во земјава, со особен акцент на аеродромот „Св. Апостол Павле“. „Потенцирам дека нашата намера е да ги искористиме капацитетите на охридскиот аеродром и да го промовираме како аеродром за нискобуџетни авиокомпании“ изјави министерот Сугарески.