Пет парцели за изградба на соларна електрана, објекти за времено сместување, станбена зграда и објект за индивидуално домување се продаваат во Пехчево. Општинските власти понудија локација за изградба на фотоволтаична централа на површина од 32.065 метри квадратни, која што се продава по почетна цена од 150 денари за метар квадратен. Во туристичкиот локалитет „Равна река“ се продаваат две парцели од 2.723 и 350 метри квадратни за изградба на објекти за времено сместување, по почетна цена од 148 денари за метар квадратен.
Општина Пехчево на распишаниот оглас продава една парцела од 394 метри квадратни за изградба на станбена зграда во градот, како и земјиште за изведба на куќа со површина од 252 метри квадратни. Овие огласени локации за градење се продаваат по цена од 61 денари за метар квадратен.
Заинтересираните инвеститори за петте локации ќе имаат рок до 24 јули за да ги достават пријавите за учество на електронското јавно наддавање. Лицитацијата е предвидено да се одржи на 8 август.