Општина Карпош годинава додели субвенции на 239 граѓани за купување нови велосипеди. Вториот повик за поднесување барања заврши, бидејќи се потрошени предвидените средства од општинскиот буџет. Станува збор за поврат на 30% од инвестираните средства во набавка на нов велосипед, но не повеќе од 3.000 денари од цената на купениот велосипед. Општина Карпош за 2018 година додели вкупно 660.000 денари за овој проект. Овој проект е предвидено да продолжи и во текот на наредните години, при што годинава тој за прв пат се организираше од оваа скопска општина.
Главната цел на локалната самоуправа е со дадените субвенции да се стимулира активното користење на велосипедот како превозно средство. Оваа општина е една од скопските урбани средини со најголем степен на изграденост на велосипедски патеки, со што граѓаните можат и најмногу да придонесат за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот.