Во 2017 година за речиси 10% се намалила бројката на изградени станови на територијата на Македонија. Наспроти завршените над 6.100 станови во текот на 2016 година, деловните субјекти и индивидуалните лица лани завршиле вкупно 5.622 станови низ македонските општини. Во текот на минатата година биле изведени 2.822 станови од деловните субјекти, чија вкупна корисна површина достигнала 178.758 метри квадратни. Просечната корисна површина на завршените станови е 63,3 метри квадратни. Во објектите за домување градени во индивидуална режија лани биле завршени 2.800 нови станови, со вкупна површина од 322.487 метри квадратни, додека нивната просечна површина изнесувала 115,2 метри квадратни.
Скопскиот регион и во текот на 2017 година останал најатрактивен за инвестирање во изградба на нова куќа или купување стан во колективна зграда. Главниот град во изминатите 12 месеци добил 2.892 нови живеалишта. Притоа, на самиот врв се наоѓа Општина Аеродром, во која лани се завршени над 750 станови за живеење. Веднаш по неа, на листата на трите најпримамливи локации за градење нови станови во Скопје следуваат Општина Карпош и Општина Кисела Вода.
Покрај изградбата на нови живеалишта, Државниот завод за статистика во најновиот извештај објавил и други параметри што се однесуваат на објектите за домување. Деловните субјекти во 2017 година извршиле градежни работи во вредност од 28.891.889 илјади денари, додека индивидуалните сопственици извршиле градежни работи во износ од 10.906.130 илјади денари. Во индивидуална режија лани се издигнати 2.308 објекти за домување, од кои 108 станови се во викенд – куќи. Деловните субјекти лани завршиле 2.191 објект.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk