Пред голем број заинтересирани стопанственици и потенцијални инвеститори, денес во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје беше одржана презентација под мотото „Општина Аеродром – вистинското место за Вашите инвестиции“. Со помош на 3Д визуелизации беа пртставени повеќе детални урбанистички планови и можностите за инвестиции кои ги нудат тие, како и позначајните инвестиции во општината кои се во тек на реализација.
Инвеститорите имаа можност да добијат поцелосна слика за главните локации на кои е предвидена или е отпочната изградба на нови објекти, меѓу кои десетици станбени и деловни објекти, комерцијални комплекси административни и резиденциски објекти, болница, хотели, повеќенаменска спортска сала, забавен парк, затворен базен, сала за зимски спортови и други објекти.
Ивица Коневски, градоначалникот на општината, истакна дека Аеродром нуди низа поволности за инвеститорите, како висока урбанизираност, добра инфраструктура, слободни атрактивни локации и плаќање на комуналната такса на рати. Од настанувањето на општината во 2004 година до денес, во Аеродром се усвоени повеќе од 20 нови ДУП-ови.