За становите во прва продажба стапката на ДДВ продолжува да биде повластена и ќе изнесува 5% и во наредните пет години. Министерот за финансии Драган Тевдовски изјави дека министерството извршило измени во Законот за ДДВ, со кои до 2023 година останува во важност стапката на данок од 5% за становите. Извршната власт со овој чекор очекува дека нема да дојде до зголемување на цената на становите во земјава, што беше најавено како можност од градежниците во случај да не се продолжи времетраењето на повластената даночна стапка.
Министерот Тевдовски најави и законски измени со што ќе им се овозможи на граѓаните повторно да поднесат барања за приватизација на градежното земјиште. „Рокот за поднесување барање беше истечен во септември 2014 година и во меѓувреме граѓаните не можеа да поднесуваат барања. Сега барања ќе може да се поднесуваат повторно, заклучно декември 2021 година“ изјави тој.