Општина Чашка денеска ја доби првата детска градинка на својата територија. Таа може и да не биде последна, доколку се реализира проектот вреден 33,4 милиони долари за реконструкција и изградба на детски градинки и објекти за социјалните служби низ целата земја. Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска изјави дека Светската банка пројавила интерес со заем да ја финансира реализацијата на овој капитален проект. Тој ќе значи и подобрување на квалитетот на услугите во предучилишните установи, обуки на кадрите и унапредување на наставните програми.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
„Преговорите помеѓу Владата на Република Македонија и банката треба да почнат на почетокот на јули. За крај на септември се планира проектот да биде одобрен од Бордот на директори на Светска банка. Потпишувањето на договорот треба да се случи на крајот на годинава“ изјави министерот Тевдовски. Заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, тој денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на детската градинка во Чашка, во која се инвестирани над 3 милиони денари. Државата годинава за изградба, реконструкција и адаптација на простории за детски градинки и објекти за социјална заштита ќе одвои 58 милиони денари.