Велешкиот градоначалник Аце Коцевски најави дека Офицерскиот дом во Велес во најскоро време ќе биде реконструиран и повторно достапен за граѓаните. Владата на седницата одржана на 22 мај одлучила да ја префрли сопственоста на овој објект на општина Велес, со што се отвора можноста за враќање на стариот сјај на ова здание од центарот на градот. „Во најкус можен рок ќе објавиме јавен повик за заинтересираните инвеститори и угостители“ изјави градоначалникот Коцевски.
*Извор на фотографија: Општина Велес
Офицерскиот дом во Велес со години наназад претставува запуштен простор што е затворен за посетителите. Објектот со подрум, приземје, еден кат и поткровје се наоѓа на парцела од 2.663 метри квадратни. Ова здание во минатото беше користено за угостителски намени, кои беа успешно интегрирани во велешкиот градски парк. Претходното раководство на општина Велес во февруари 2017 година ја најави реконструкцијата на Офицерскиот дом, но ветениот зафат не беше реализиран.