Оптимистички резултати бележи македонскиот транспорт во првите три месеци од годинава. Забележлив е растот кај обемот на превезени патници и стока во железничкиот сообраќај, но позитивни резултати се бележат и другите видови транспорт. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на превезени патници во железничкиот превоз е зголемен за 29,4% во однос на идентичниот период лани. Македонските возови во периодот јануари – март 2018 година превезле 132.000 патници, што е за околу 30.000 повеќе во однос на 2017 година.
Најзначајно за железницата е подобрувањето на бројките кај товарниот сообраќај. На почетокот на годинава се транспортирани за 40,6% повеќе стоки во споредба со периодот јануари – март 2018 година. Најголем удел во ваквите позитивни бројки има транзитниот сообраќај на стоки на железничкиот Коридор 10.
Позитивни резултати бележи и патниот патнички сообраќај, каде што се регистрирани за 21,7% повеќе патници во однос на идентичниот период лани. Со автобуси во националниот и меѓународниот сообраќај патувале 2.094.000 патници во периодот јануари – март 2018 година. Во првото тримесечје од 2018 година, во споредба со идентичниот период лани, количеството на превезена стока во товарниот патен превоз е зголемено за 20%. Кај воздухопловниот превоз е регистриран раст на бројката на патници од 21,3%, но и зголемување од 10,3% кај транспортираниот товар со авиони.
Единствени негативни бројки кај македонскиот транспорт во овој период се забележани во градско – приградскиот сообраќај. Имено, статистичарите забележале намалување од 3,3% кај бројот на граѓани што го користат јавниот превоз низ македонските градови.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk