По неколкугодишната реконструкција на станичните објекти, денеска беа промовирани обновените 10 железнички станици на територијата на Македонија. Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, заменик претседателот на владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар извршија увид во реконструираните железнички станици во Велес и Чашка. Со овој проект се целосно санирани 10 железнички станици на Коридорот 10 и Коридорот 10д (Битола, Гевгелија, Демир Капија, Градско, Велес, Чашка, Прилеп, Неготино, Табановце и Богомила).
„Со грант од ЕУ во висина од 2,1 милиони евра се реконструирани 10 железнички станици, додека дополнителни 2,5 милиони евра се наменети за реконструкција на железничката станица во Скопје“ изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Евроамбасадорот Жбогар појасни дека во наредниот период може да се очекуваат дополнителни средства што ќе се инвестираат во железницата во Македонија.
Со реализираниот зафат се реновирани билетарите, чекалните, санитарните јазли, кровната конструкција и фасадите на железничките станици. Со проектот е променета водоводната и електричната инсталација во објектите, инсталирани се системи за ладење и греење, системи за сигнализација и информирање на патниците, како и системи за подобрување на пристапноста за лицата со намалена подвижност.