Помалиот градски плоштад „Маршал Тито“ во центарот на Куманово наскоро ќе биде реконструиран, заедно со фонтаните во централното градско подрачје. Општина Куманово распиша оглас за избор на градежна компанија што ќе го реализира претстојниот зафат со проценета вредност од околу 2,1 милиони денари. Реконструктивниот зафат ќе опфати партерно уредување на јавната површина, заедно со поставување на нова урбана опрема. Градежните работи на плоштадот, заедно со санацијата на фонтаните, ќе се заврши во текот на претстојното лето.
Општина Куманово ги очекува понудите од заинтересираните компании за учество во тендерската постапка најдоцна до 29 мај. Главен критериум за избор на изведувач на работите е доставената најниска цена.