Потрошени 50 милиони евра од државната каса со кои се направени сериозни злоупотреби при купувањето и изградбата на дипломатски конзуларни претставништва во странство. Претходната влада ги издвоила овие средства за 15 објекти, при што пет од нив се купени во Будимпешта, Љубљана, Виена, Прага и Истанбул. Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи денеска информираше за констатираните злоупотреби од претходното раководство.
„Сите купени објекти се наоѓаат на локации во кои нема амбасади (исклучок Прага каде втор сосед ни е Амбасадата на Северна Кореја), се наоѓаат далеку од останатите дипломатски претставништва и од центарот на градот, односно државните институции и се во резиденцијални квартови. Ваквите неатрактивни локации, кои во најголема мера биле однапред одбирани, пред започнување на постапката за купување, наведуваат на можноста реалната цена во времето на нивното купување да е многу пониска од цената која е платена“ истакна Димовски.
И покрај потребата и барањето објектите да бидат веднаш вселиви и употребливи, правени се дополнителни и често непотребни реконструкции и адаптации. Овие зафати биле вршени со неквалитетни и очигледно преплатени материјали. Поради ова, во некои амбасади се вршени двојни па и тројни реконструктивни зафати. Крајната цена на чинење достигнува во голем број случаи размер од 1:3 при што се наплатени огромни суми и за купување и за реконструкција.
Државниот секретар наведе три еклатантни примери за сериозни злоупотреби при купувањето и реконструкцијата на македонските амбасади. Објектот во Будимпешта бил купен по цена од 1.070.000 евра, иако тој во моментов се наоѓа во опасност да се сруши. Неквалитетната доградба на објектот довела до појава на свлечиште на земјиштето, со што се загрозиле и соседните објекти. Купената куќа е руинирана и неупотреблива, додека амбасадата и резиденцијата во Будимпешта се сместени во други објекти.
Цената за купување на амбасадата во Виена достигнала вредност од 3,5 милиони евра со агенциска провизија од 105.000 евра и реконструкција која достигнала 1,4 милиони евра. Од извршениот увид во документацијата, Министерството за надворешни работи констатирало сериозни индиции дека продавачот на објектот пред повеќе од една година за истиот објект платил 1.460.000 евра. Дополнително, според купопродажниот договор очигледно е дека фирмата е формирана со единствена цел да го изврши ова продавање на објектот.
Сериозен проблем е констатиран и кај купениот објект за амбасадата во Прага, кој во времето на купување и по неговата набавка бил дивоградба. Надлежните општински органи на Прага 6 донеле одлука за рушење на делови од градбата, затоа што објектот ги загрозувал безбедноста и здравјето на лицата и бил спротивен на чешките закони и прописи. Дефекти и недостатоци се регистрирани и при изведбата на реконструктивни зафати и кај некои од останатите објекти на дипломатско конзуларните претставништва.
Со сите овие злоупотреби биле нанесени директни штети од поголем обем на буџетот на Република Македонија. Министерството за надворешни работи ќе ги достави сите наоди до надлежните институции за натамошно постапување.