По две недели од распишувањето на јавниот повик до граѓаните, скопската општина Карпош денес информира дека се исцрпени годинешните средства за надомест на дел од трошоците за набавка на велосипеди. Акцијата е завршена поради големиот интерес на граѓаните во изминатиов период, така што субвенции ќе добијат оние што поднеле најбрзо барања до општината. „Со оглед на тоа што квотата за субвенционирање е пополнета, локалната самоуправа, заклучно од денеска, вторник (8.5.2018) нема да ги зема в предвид сите новопристигнати апликации“ информираат од општина Карпош.
Локалнатата самоуправа навремено ќе ги извести граѓаните во случај да се предвидат нови средства за оваа намена во текот на годинава. Со проектот на општина Карпош се доделуваат субвенции со максимален износ до 3.000 денари за купување на нови велосипеди од страна на жителите на оваа скопска општина. Распределбата на субвенциите се вршеше по принципот „прв пријавен, прв услужен“.