Покрај субвенциите што ги доделуваат Општина Центар и Град Скопје, локалните власти од Карпош годинава се одлучија за прв пат да се вклучат во надоместувањето на дел од трошоците на граѓаните за набавка на нови велосипеди. Советот на општина Карпош на денешната седница ја изгласа предлог-одлуката за давање согласност за распишување на јавен оглас и спроведување на целокупната постапка. Локалната самоуправа ќе субвенционира со максимален износ од 3.000 денари за купување на нови велосипеди по принципот „прв пријавен, прв услужен“.
Донесената одлука за поддршка на овој проект ќе почне да важи од 26 април, a во текот на наредните денови ќе биде објавен и огласот на којшто ќе можат да се пријават заинтересираните граѓани. Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев денеска истакна дека постои голем интерес за оваа субвенционирана помош, но и дека со иден ребаланс на буџетот на општина Карпош би можело да се обезбедат нови финансии во случај на брзо исцрпување на постојните средства предвидени за надомест на дел од трошоците за набавка на велосипеди.
Општина Карпош се надева дека со овој проект ќе се поттикне користењето на велосипед од страна на карпошани, а со тоа ќе се придонесе и за заштита на животната средина и за намалување на нејзиното загадување. Покрај субвенциите наменети од оваа локална самоуправа, на располагање на жителите на Скопје им се и субвенциите за купување велосипед што ги доделува Град Скопје, за што веќе беше распишан и јавниот повик во текот на изминатиов викенд.