Во пресрет на денешниот патронен празник на Струмица – Свети петнаесет тивериополски маченици, заштитници на градот, вчера свечено беше отворен новиот градски плоштад „Гоце Делчев“. Работите на плоштадот сепак ќе продолжат во наредните десетина дена, а градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, брзањето го образложи со потребата за расчистување на метежот во центарот на градот.
Со новиот концепт на плоштадот се оформува компактна пешачка зона на површината и подземно сообраќајно решение за улиците кои претходно го сечеа тој простор. Плоштадот се протега на 18.302 метри квадратни, поплочен е со гранит, а помеѓу новите содржини се бронзена фигура на Струмичанка со маска, посветена на Меѓународниот струмички карневал, саат кула, две фонтани, ново осветлување и прикладна урбана опрема. Централното место и понатаму го зазема стариот споменик на Гоце Делчев. Под плоштадот се изградени сообраќајници во должина од вкупно 420 метри и гаража со капацитет за 86 возила. Во проектот беа вложени 220 милиони денари, односно околу 3,5 милиони евра, средства од општинскиот буџет. Главен изведувач на градежните работи беше фирмата „Жикол“, а беа вклучени и над 30 подизведувачи.
Форумска дискусија за овој проект » овде
Галерија: