И во вториот месец од годинава продолжил трендот на намалување на издадените одобренија за градење на нови станбени единици. Во февруари 2018 година е предвидена изградба на 610 станови, со вкупна корисна површина од 46.493 метри квадратни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во споредба со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 13,5%, додека нивната корисна површина опаднала за 35,6%.
Од вкупната бројка на предвидени станови, деловните субјекти добиле градежни дозволи за подигање на 488 станови со површина од 31.533 метри квадратни, додека во останатите живеалишта ќе инвестираат физички лица. Како и во претходниот период, инвеститорите на овој вид недвижности се првенствено заинтересирани за изградба на двособни (236) и трисобни станови (177). Скопскиот регион со 291 предвиден стан за градење предничи на ниво на целата земја, додека Општина Струмица е локалната самоуправа во која што во февруари било предвидено да се градат најмногу нови станови – вкупно 190.
Статистичарите пресметале дека во февруари 2018 година биле издадени 177 одобренија за градење, што е за 51,2% помалку во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.319.609 илјади денари, што е за 63,6% помалку во однос на идентичниот период лани. Намалената вредност се должи на фактот дека во претходниот период беше издадено одобрение за градење на магистрален транспортен топловод во Пелагонискиот регион. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 119 (67,2%) се наменети за објекти од високоградба, 22 (12,4%) за објекти од нискоградба и 36 (20,4%) за објекти за реконструкција. Од нив, на 123 (69,5%) објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, додека во останатите градби ќе инвестираат деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk