Претходна статија
И годинава субвенции за Скопјани за купување велосипеди
Следна статија
Панорамското тркало ќе прерасне во пешачки мост од 13,1 милиони евра!

Ќе се бара нов изведувач за реконструкцијата на прилепскиот стадион

Објавено на 11.04.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Доделен тендер, но недовршен проект во пропишаниот рок. Наместо прилепчани да добијат реконструиран фудбалски стадион, на терен не се завршени ниту минимум од предвидените работи за склучениот договор вреден 28 милиони денари. Општина Прилеп го раскина договорот со изведувачот на реконструкцијата на стадионот „Гоце Делчев“ и во тек е подготовка на нов тендер за овој проект. Прилепскиот градоначалник Илија Јовановски преку прес конференција алармираше за состојбата во која што се наоѓа овој спортски објект. Според него, стадионот е претворен во руина поради низа неправилности во работењето, неизвршување на зададениот проект и погрешно изработена проектна документација.

 

*Извор на фотографија: Општина Прилеп.

 

Градоначалникот Јовановски потенцираше дека во предвидениот рок од 90 дена биле завршени само 8% од севкупните работи за реконструкција и покривање на северната трибина од стадионот „Гоце Делчев“. Градежните активности почнале да се изведуваат во периодот август – септември 2017 година. Тендерската постапка за овој проект беше распишана од претходното општинско раководство кон крајот на февруари 2017 година.

 

Покрај тоа што не е завршена втората фаза од проектот за обнова на вториот по големина фудбалски стадион во земјава, во изминативе три години не е реализирана ниту првата фаза. Имено, на почетокот од ноември 2015 година беше стартувана првата етапа од овој проект, која што предвидуваше реконструкција на фудбалскиот терен, поставување на природна трева и на рефлектори за одигрување на ноќни натпревари. Од проектот „Хет Трик 4“ на УЕФА за оваа намена беа над издвоени 1 милион евра.

 

Главната цел на издвоените 1,5 милиони евра за стадионот „Гоце Делчев“ беше постепена обнова на ова спортско здание, како форма на соработка меѓу ФФМ и Општина Прилеп. По завршувањето на сите етапи, замислено беше прилепскиот стадион да има покриен трибински простор со капацитет за 18.000 гледачи и можност за одигрување на меѓународни натпревари според стандардите на УЕФА.