До претстојното лето ќе треба да се реши во целост проблемот со прокиснување на Чифте амамот во Старата скопска чаршија. НУ Национална галерија на Македонија денеска го распиша огласот за пронаоѓање изведувач што ќе ги изврши планираните конзерваторско – реставраторски интервенции на овој споменик на културата. Со зафатот е предвидено да се изведе дренажен канал за заштита од продор на атмосферски и подземни води, санација на кровот на амамот и оформување на нови простории и функции во рамки на самиот објект. За овие активности е проценето дека ќе се потрошат околу 1,8 милиони денари.
Идниот изведувач ќе има рок од два месеци за да ги заврши конзерваторско – реставраторските работи. Заинтересираните субјекти за учество на тендерот имаат можност да ги достават своите понуди најдоцна до 16 април. Неопходноста за санација на Чифте амамот во Скопје е прашање што се провлекува со години наназад, но итноста за решавање на овој проблем се појави по минатогодишното невреме коешто уништи дел од покривните куполи на амамот.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk