Претходна статија
Градскиот парк во Скопје со ново зеленило
Следна статија
Поништен тендерот за реконструкција на пристапниот пат до браната „Козјак“

Изградбата на патната инфраструктура – нова можност за карање на власта и опозицијата

Објавено на 29.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница за пратенички прашања рече дека изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш ќе започне за десетина дена. Австриската градежна фирма „Штрабаг“ била избрана за изведувач на градежните работи, а премиерот Заев вели дека очекува новиот патен правец да биде готов до крајот на годинава. Тој денеска ја повтори вчерашната владина информација, со која беше обелоденето дека годинава ќе се градат или реконструираат патишта во вкупна должина од 800 километри. „Ќе се работи на целата територија подеднакво, ќе работат многу компании“ изјави премиерот Зоран Заев.

 

 

На ваквите најави на владејачката СДСМ, денеска пристигна реакција од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Надвор од собраниските клупи, од партиското седиште  на прес – конференција се обрати поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. „Добро е што ќе се продолжи изградбата на проектите на ВМРО – ДПМНЕ и тоа е за поздрав, но од друга страна лошо е што оваа неспособна влада скоро една година нема започнато ниту еден капитален проект, а од друга страна ги закочи проектите, ги заглави автопатите и експресните патишта, а градежништвото е во пад од околу 20%“ изјави Владо Мисајловски од ВМРО – ДПМНЕ. Тој дополни дека постојната влада нема капацитет да гради и не може да ги заврши започнатите проекти.

 

Експресниот пат Штип – Радовиш ќе има предвидена должина од 23,5 километри и во неговата изградба ќе бидат инвестирани над 1,7 милијарди денари. Тендерската постапка од владата беше завршена кон крајот на 2017 година. Овој патен правец во иднина ќе има две коловозни ленти со широчина од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри.