Шест локации за изградба на станбени згради, со компатибилна класа за мали комерцијални и деловни намени, се продаваат на електронското јавно наддавање спроведено од општина Кавадарци. Идните објекти за колективно домување во Кавадарци имаат предвидена висина од приземје, четири ката и поткровје. Државното неизградено земјиште е со површина од 442 до 996 метри квадратни. Почетната цена на огласените парцели за градење е 1.380 денари по метар квадратен. Заинтересираните инвеститори треба да достават банкарска гаранција за сериозност на понудата и пријава за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 23 април.
Електронската лицитација на понудените градежни парцели ќе се одржи на 25 април. Со инвеститорите што ќе понудат највисока цена за огласеното земјиште ќе се склучат купопродажни договори, при што одобрението за градење за шесте станбени згради е предвидено да се прибави во рок од девет месеци по извршената солемнизација на договорот.