Триесетина вработени од Saint-Gobain и од Хабитат Македонија денеска организираа волонтерски ден, кој се одржа во зградата на Здружението на пензионери во Кавадарци. Овој објект е под реконструкција како дел од заедничкиот проект на Saint-Gobain и Хабитат Македонија за реновирање на просториите на Здружението и подобрување на енергетската ефикасност на зградата. Во рамки на денешните активности, волонтерите помагаа во местењето на изолацијата на фасадата и останатите тековни градежни активности. Во акцијата за реновирање на зградата се вклучи и Општина Кавадарци.
*Извор на фотографија: Хабитат Македонија
„Ова е веќе четврта зграда во Кавадарци што се реновира во рамки на програмата на Хабитат за енергетска ефикасност на станбени згради. Проектот предвидуваше реновирање на деловите на Здружението на пензионери, па наша заложба беше да се постигне договор со останатите станари и Општината за реновирање на целата фасада, затоа што само комплетно реновиран објект може да обезбеди максимална заштеда на енергија“ изјави Лилјана Алчева, директор на програма во Хабитат Македонија.
Целта на овој проект е да се подобри енергетската ефикасност на зградата во која што е сместено Здружението на пензионери – Кавадарци, нивниот дневен центар и два пензионерски станови. Корисниците на овој проект ќе заштедат до 30% од потрошувачката на енергија. Реновирањето ќе вклучи изолација на фасадата, замена на стари прозорци и врати со енергетски ефикасни како и реновирање на заедничката просторија за пензионери. Во активностите на проектот ќе бидат вклучени и група на студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје и средношколци од средните стручни училишта. Активноста е финансирана од фондацијата Saint-Gobain Initiatives, а спроведена од Хабитат Македонија.