Претходна статија
Предавање на архитектот Митеш Диксит на Универзитетот Американ Колеџ
Следна статија
Во Куманово ќе се бара нова шанса за изградба на трите монтажни паркинг гаражи

Ревизорите констатираа бројни пропусти при изведбата на „барокната“ фасада на МЕПСО

Објавено на 13.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Работите врз објектот не се довршени, а вработените и понатаму, по речиси четири години од склучувањето на договорот за изведба, работат во тесен простор, во еден помал простор од зградата. Ова е резултатот од проектот за „барокизација“ на седиштето на МЕПСО во центарот на Скопје, кое е воочено во најновиот Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за работењето на МЕПСО во 2016 година. Ревизорите откриваат дека е склучен договор за изведба на реконструкција и адаптација на фасада, за чија реализација се констатирани повеќе недостатоци и пропусти.

 

 

„Извршени се редовни работи и вишоци во износ од 87.879 илјада денари кои претставуваат предмет на судска постапка, дополнителни работи во износ од 1.200 илјади денари кои не се регулирани со анекс договор, непредвидени работи во износ од 13.111 илјади денари кои не се уредени со договор, а според информациите од надзорот за завршување на наведените работи потребни се уште 27.558 илјади денари и не е извршено осигурување на објектот“ констатира Ревизорскиот извештај.

 

Првиот проблем со изведбата на „барокната“ фасада на МЕПСО настанала уште при распишувањето на Конкурсот за избор на идејно решение во март 2012 година. Предмет на овој конкурс била изведбата на нова фасада на целиот објект, иако МЕПСО во тој момент не ја поседува целокупната површина на зградата. На конкурсот биле избрани три идејни решенија за да се искористат за натамошна разработка. „Поради наведеното идејното решение не било прецизно утврдено, а истото претставува основа за изработка на основен проект“ се вели во Ревизорскиот извештај.

 

Ревизорите утврдиле дека основниот проект не содржи елаборат за енергетска ефикасност, иако самиот договор за „реконструкција“ на фасадата бил со цел да се подобри енергетската ефикасност. Издаденото одобрение за градење не било наменето за подобрување на енергетската ефикасност на објектот, така што ваквата состојба не била во согласност со членот 29 од Законот за градење. Но, и не само тоа.

 

При изведбата на „барокната“ фасада на МЕПСО не било предвидено вршење на проектантски надзор, но за него била утврдена потреба уште во првата година од изведбата. За таа цел, ангажиран за проектантски надзор е самиот проектант, којшто дал согласност да ја изврши услугата без надомест. Ревизорите сметаат дека ваквиот начин на вршење проектантски надзор упатува на неодговорно постапување со можност за настанување штети и финансиски импликации за МЕПСО. По ова, надзорот е избран на тендер и е потпишан договор со него во февруари 2014 година. Во исто време, Државниот завод за ревизија открива дека за „барокната“ фасада на МЕПСО не е спроведена постапка, ниту е склучен договор, за ревизија на изменување и дополнување на основниот проект, што не е во согласност со Законот за градење.

 

Ревизорите откриле дека реконструкцијата на надворешниот лик на МЕПСО не била завршена во првично предвидениот рок од 18 месеци. Но, и не само тоа. Објектот не е предаден во употреба до денот на известување од извршената ревизија, односно дури 24 месеци по истекувањето на првичниот рок. Државниот завод за ревизија му препорачува на МЕПСО да изврши преиспитување на досега преземените активности и да издаде задолженија за надминување на состојбата, целосно довршување на објектот, обезбедување на одобрение за употреба, примопредавање на објектот и ставање на истиот во функција.

 

Ревизорите констатираат дека активностите, финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи на МЕПСО не се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Оттука, Државниот завод за ревизија изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на МЕПСО за 2016 година.