Ново одложување на пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија – Смоквица. Наместо до 28 февруари, како што официјално беше соопштено во октомври 2017 година, владата го одолговлечи возењето по новиот автопат за периодот по 15 април. На вчерашната владина седница, министрите ја разгледале и ја усвоиле информацијата за прогресот на активностите околу изградбата на оваа автопатска делница, со должина од 28,2 километри. Изградбата на контролниот центар во Неготино и дислокацијата на далекуводот се веќе завршени, а комплетирана е во целост електрификацијата и неопходната сигнализација на автопатот.
*Од изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица
Пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија – Смоквица се одолговлекува во континуитет уште од септември 2016 година. До овој рок требаше да се заврши изградбата на делницата, која беше започната со градење во септември 2012 година. Во изминативе една и пол година, во неколку наврати се одложуваше отворањето на оваа делница за сообраќај. На самиот автопат е планирано да се лоцира и наплатната рампа „Миравци“.