Нови возови, но без патници во нив. Возен ред редуциран на минимум, но државата продолжува да го субвенционира патничкиот железнички сообраќај. Ваква била состојбата со Македонски железници, која и во 2017 година остварила рекордно негативни резултати. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските возови во изминатите 12 месеци превезле симболични 500.000 патници, со што е постигнат нов неславен рекорд во историјата на Македонски железници. Оваа бројка е помала дури и од претходната 2016 година, кога статистичарите регистрираа 663.000 превезени патници.
Ако со ова темпо продолжи уништувањето на патничкиот железнички превоз, тогаш Македонија многу брзо ќе се најде во ситуација да ги укине возовите на сите релации. Математичката пресметка покажува дека со македонските возови лани се превезле по 1.369 патници дневно. Со возниот ред за 2017 година биле секојдневно организирани по 20 пара возови, што би значело дека во еден македонски воз во 2017 година патувале во просек по 34 патници дневно.
И покрај ваквите катастрофални резултати, македонската влада и за 2018 година обезбеди субвенции за патничкиот железнички сообраќај од државниот буџет. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при претставувањето на годинешниов буџет вети дека Македонски железници – Транспорт ќе добијат 415 милиони денари, со што би се покриле финансиските загуби од патничкиот сообраќај. Овие пари на граѓаните очигледно дека завршуваат во „дупка без дно“. Статистичките бројки покажуваат рекордно ниско ниво на превезени патници, додека бројката на патнички возови во Македонија во континуитет се намалува. Колку за потсетување, во периодот до 2010 година со воз во земјава патуваа и над 1,5 милиони патници.
Сепак, останува нејасно како е можно единствено железницата да работи со негативни резултати во патничкиот сообраќај. Патничкиот автобуски превоз во 2017 година забележал позитивни резултати. Со автобуси во меѓуградскиот и меѓународниот превоз лани патувале 7.775.000 патници, односно за над 500.000 патници повеќе во споредба со 2016 година. Резултатите за последниот четврти квартал од 2017 година говорат дека е забележан раст од 2,6% на националниот транспорт и зголемување од 9,5% кај меѓународниот автобуски превоз.
Слични позитивни резултати се забележани и во воздухопловниот превоз. Државниот завод за статистика пресметал дека од македонските аеродроми лани биле превезени 2.017.142 патници. Само во последниот квартал од 2017 година е регистриран стабилен раст од 16,4% кај авиосообраќајот. Во делот на превозот на патници, македонскиот транспорт во 2017 година бележи негативни резултати кај градско – приградскиот сообраќај. Низ македонските градови и околните населени места со јавниот превоз биле превезени 72.117.000 патници, што претставува огромно намалување за 5.000.000 патници во однос на периодот јануари – декември 2016 година.
Наспроти историски лошите резултати кај патничкиот превоз, товарниот железнички сообраќај во 2017 година забележал минимално заздравување. Со товарните возови лани низ земјава биле транспортирани 1.558.000 тони стока, што е за 200.000 тони повеќе во споредба со 2016 година. Последното тримесечје од 2017 година донело зголемување на товарниот сообраќај од 14,3%. Заедно со железницата, раст е забележан и кај товарниот патен превоз. Со камиони биле транспортирани 64.221.000 тони стока. Само во последниот квартал од минатата година бил регистриран раст од 13,6%. Во 2017 година пораснал и квантумот на превезена стока од двата македонски аеродрома, се вели во Извештајот на Државниот завод за статистика.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk