Град Скопје денеска стартуваше со најавениот проект за реконструкција на троторите, оградата и уличното осветлување на Мостот на Револуцијата во близина на МАНУ. Инвестицијата тежи околу 27,6 милиони денари. Најпрвин ќе се обноват тротоарите, рабниците, сливниците и коловозот. Потоа ќе се постави нова ограда која ќе биде изработена од ковано железо и во неа ќе бидат монтирани типски канделабри. Автор на идејното решение за заштитната ограда и за осветлувањето на мостот е Зоран Јордановски. Реконструкцијата ќе се одвива без запирање на сообраќајот и во најлош случај треба да заврши во рок од 120 дена. Изведувач е скопската фирма „Синтек“. Мостот на Револуцијата во денешната форма е изграден во 1963 година и ги поврзува булеварите Кочо Рацин и Крсте Петков Мисирков. Во наредниот период треба да следува слична интервенција и врз мостот кај Холидеј Ин, а нова ограда и осветлување ќе добие и мостот „Гоце Делчев“.