Претходна статија
41,6 милиони денари за изградба на фекална канализација во прилепскиот и струшкиот регион
Следна статија
Повик до македонските архитекти за учество на „Share Tirana 2018“

Намалена бројката на предвидени станови за градење во декември 2017 година

Објавено на 12.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Крајот на минатата година донел намален обем на предвидени станови што допрва ќе се градат во земјава. Македонските општини во декември 2017 година издале одобренија за градење на 209 станови со вкупна корисна површина од 25.413 метри квадратни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Споредено со истиот период од претходната година, бројката на предвидени станови за градење е намалена за половина. Притоа, физичките лица обезбедиле градежни дозволи за подигање на 132 станови со површина од 19.236 метри квадратни, додека во останатите живеалишта ќе вложат деловните субјекти.

 

 

Врз основа на издадените одобренија за градење, во наредниот период ќе се изведуваат најмногу трисобни (67) и четворособни станови (43). Скопскиот регион останува најпримамлив за инвестирање во овој вид недвижности, што може да се увиди од фактот дека скопските општини издале одобренија за градење на 61 нов стан. На ниво на целата земја, најмногу станови за градење во декември 2017 година биле предвидени во Општина Прилеп – вкупно 53.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2017 година биле издадени 257 одобренија за градење, што е за 22,8% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.730.156 илјади денари, што е за 76,7% помалку во однос на идентичниот период од 2016 година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 155 (60,3%) се наменети за објекти од високоградба, 19 (7,4%) за објекти од нискоградба и 83 (32,3%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 257 објекти, на 184 (71,6%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 73 (28,4%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk