АД „Карпош“ од Скопје ја заврши изградбата на првиот станбен објект од комплексот „Александрија“ во скопската општина Ѓорче Петров. На просторот спроти новиот кружен тек во Порта Влае се подигаат четири станбени згради, од кои едната веќе е вселива. На останатите три објекти во моментов се работи, а веќе е започната изградбата и на петтиот објект за колективно домување. Првите станари во комплексот „Александрија“ се вселија на почетокот од 2018 година. „Нашиот тим продолжува со активна работа за целосно завршување и на останатите згради од комплексот“ изјави Александар Стефанов, проект менаџер на комплексот „Александрија“.
Населбата „Александрија“ се гради етапно уште од јуни 2016 година. Комплексот ќе се простира на површина од 150.000 метри квадратни. Покрај станбени објекти и неопходната инфраструктура, на локацијата на некогашната фабрика „Карпош“ ќе се изгради и градинка, трговски центар, деловни објекти, игралишта и други содржини неопходни за жителите. Бруто развиената површина на целиот комплекс би изнесувала 500.000 метри квадратни, со што во овие станбени единици би се населиле околу 20.000 семејства. Проектот ќе се реализира во етапи во наредните неколку години.