Претходна статија
Градежниците со блага критика за деловните тенденции во нивниот сектор
Следна статија
Тркалезна маса за Законот за градење в понеделник во ГЕМ

Ем доцни, ем поскапува реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар

Објавено на 19.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Седми анекс на договорот за реконструкција на објектот на Албанскиот театар во Скопје! Дополнителни 57.854.324 денари ќе се одвојат за непредвидени градежни работи за реконструкција, адаптација и санација на ова здание лоцирано во Старата скопска чаршија. Со тоа, вкупната сума за реконструкција на театарската зграда со најновиот анекс се искачи на фантастични 565.976.803 денари, односно на над 9,1 милиони евра. Според податоците објавени од Бирото за јавни набавки, непредвидените градежни работи треба да завршат до крајот на мај годинава.

 

*Состојба со реконструкцијата на Албанскиот театар во 2014 година; Фото: Архива на „Билд“.

 

Најновиот анекс е склучен на 11 декември минатата година, но објавен е дури денес. „Во текот на изведбата на градежните работи, изведувачот на работите на редовните неделни состаноци и со допис посочи на непредвидени работи кои мораат да се изведат а со основниот договор не се опфатени. Анализата по вид и количини на работите е припремана и усогласувана во подолг временски период помеѓу инвеститорот, проектантот, надзорот и изведувачот. Сите специфицирани позиции во предмер постапката се одобрени за изведување од страна на проектантот и надзорот“ се наведува во објавеното образложение.

 

Реконструктивниот зафат на објектот на Албанскиот театар започна пред повеќе од четири години. Ветувањето на претходната влада беше дека проектот ќе чини 8 милиони евра, а градежните работи ќе завршат до септември 2015 година. Во меѓувреме, санациониот зафат на оваа театарска установа прерасна во сапунска серија. Италијанскиот изведувач „Ламоне Мореда“ банкротираше, а на негово место беше избран нов изведувач – фирмата „Шенција“ од Форли, Италија. Крајниот рок за довршување на започнатиот зафат се одложуваше од година во година, а последното ветување беше дека објектот ќе биде пуштен во употреба до крајот на 2017 година.

 

Со сумата од над 9,1 милиони евра се обновуваат простории со површина од 4.300 метри квадратни. Театарското здание треба да добие две сали со современа опрема, но и модерно уредување на ентериерот. Идејното решение и проектната документација за долготрајната реконструкција ја изработи „Мегарон инженеринг“ од Скопје. И додека се чека да пристигне Годо во Старата скопска чаршија, актерите на Албански театар ги одржуваат претставите во стариот објект на МНТ. Во овие простории настапува и Театар Комедија, а тука е сместен и ансамблот на Турскиот театар, за кој веќе со години се гради новата театарска зграда кај Транспортниот центар.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk