Општинскиот музеј во Неготино го поништи огласот за изработка на основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на архитектурата на Саат кулата во Неготино. Финансиските средства се главната причина за одложување на планираните активности за обнова на ова здание од центарот на градот. Во известувањето на веб-страницата на Бирото за јавни набавки се нагласува дека настанале непредвидени промени во буџетот на договорниот орган. Општина Неготино го објави огласот за избор на проектант кон крајот на ноември 2017 година.
Реконструкцијата на Саат кулата во Неготино треба да следува како логично продолжение на извршените геомеханички испитувања на теренот и археолошките истражувања на локалитетот. Целта на овој проект е централното градско подрачје на Неготино да добие нов урбан простор, во кој ќе биде изведен објект што ја симболизира архитектурата на овој град од минатото.