Претходна статија
Велешките населби Превалец и Оризари догодина ќе имаат реконструиран водовод
Следна статија
Општина Центар објави мораториум за урбанистичките планови на нејзина територија

МЕПСО ќе гради нов далекувод од Штип до Пробиштип

Објавено на 28.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

МЕПСО ќе инвестира 2,45 милиони евра во изградба на нов 110 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува Штип и Пробиштип. По тој повод, Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО и Ерион Муши, претставник на конзорциумот изведувачи „Пинг гао груп“ од Кина и „Ндрекај“ од Албанија го потпишаа договорот за изградба на новиот далекувод. Овој инфраструктурен објект ќе биде долг 27,2 километри и ќе биде поставен на 111 челично – решеткасти столбови.

 

 

Овој линиски енергетски објект ќе се гради на истата траса на која сега поминува 110 kV далекувод што ги поврзува двете трансформаторски станици и е во функција 45 години, од 1972 година. Изградбата на новиот далекувод ќе трае 12 месеци. Овој проект значајно ќе ја зголеми доверливоста и капацитетот на преносната мрежа во источниот регион, а особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка.

 

Изградбата на нов далекувод меѓу Штип и Пробиштип е дел од проектот за ревитализација на преносната мрежа што опфаќа изградба на вкупно шест далекуводи од мрежата на МЕПСО. Со овој процес се опфатени и следниве 110 киловолтни далекуводи помеѓу трансформаторските станици: Битола 1 – Прилеп 1, Скопје 1 – Миладиновци, Скопје 4 – Велес и Велес – Овче Поле. Сите нови далекуводи ќе бидат поставени на челично – решеткасти столбови што ќе ги заменат старите армирано – бетонски столбови стари повеќе од 50 години. Вкупно ќе бидат изградени околу 170 километри нови далекуводи. Во овој инвестициски циклус ќе бидат вложени над 20 милиони евра, од кои дел се сопствени средства на МЕПСО и дел се заем од Европската банка за обнова и развој.