Проектот „Купи куќа, купи стан“ продолжува и со новата извршна власт. Владата на вчерашната седница го усвои Извештајот за спроведување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, со Предлог – одлука за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање субвенциониран станбен кредит во 2018 година. Како што информираат од владата, со донесувањето на оваа одлука ќе им се овозможи на граѓаните и во текот на следната година по поволни услови да аплицираат за сопствен стан.
Давањето субвенции на граѓаните при подигањето станбени кредити е проект што го започна претходната влада во 2012 година. „Купи куќа, купи стан“ се реализираше по принцип на објавување на јавен повик до граѓаните за доставување на барања за искористување на еден од двата понудени модела. Државата со првиот модел ја субвенционираше половина од месечната рата од станбениот кредит за првите пет години, додека втората опција овозможуваше државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување на стан или изградба на куќа.