Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција информираше за намалувањето на цените на услугите што ги нуди Агенцијата за катастар на недвижности. Мерката за намалување на катастарските услуги се однесува на три тарифници. Надоместокот за запишување на инфраструктурните објекти се намалува во просек за 90%, додека цената за запишување на недвижностите во Катастарот се намалува во просек за 51%. За 28% се намалува надоместокот за користење на податоците од Геодетско Катастарскиот Информационен Систем.
„Агенцијата за катастар на недвижности ја има најважната улога во регулацијата и развојот на гео – просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот со недвижности. Од тие причини, нашата цел е да воспоставиме високо професионален и функционален Катастар кој ќе обезбеди брзи и ефикасни услуги на граѓаните и компаниите“ изјави министерот Сугарески. Тој најави дека владата во наредниот период ќе предложи нов Закон за геодетска дејност, кој е надвор од Законот за катастар на недвижности.