Претходна статија
Проектот „Кога зградите би зборувале“ гостува во Загреб
Следна статија
Општина Петровец продава шест парцели за изградба на нови фабрики

Град Скопје догодина ќе инвестира во проекти за заштита на животната средина

Објавено на 20.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Советниците од Советот на град Скопје денеска го усвоија Предлог Буџетот за 2018 година. За заштита на животната средина догодина ќе се одвојат 141 милион денари, односно три пати повеќе во однос на предвиденото со годинешниот буџет. Еден од клучните проекти е субвенционирањето на набавката на електрични зглобни автобуси за ЈСП – Скопје, за што ќе бидат издвоени 100 милиони денари. По неколку години, на скопските улици ќе се вратат зглобните автобуси, чиј зголемен капацитет на патници ги задоволуваше потребите за јавен превоз во шпицовите наутро и во попладневните часови.

 

 

Покрај ЈСП, со градскиот буџет за 2018 година се предвидени и субвенции во висина од 20 милиони денари за приватните превозници, кои би сакале да инсталираат уреди за гас и да купат автобуси кои ги задоволуваат ЕУРО 5 и ЕУРО 6 стандардите. Градското раководство за бесплатен превоз во деновите на алармантно загадување на воздухот ќе одвои 20 милиони денари на ЈСП-Скопје.

 

Во делот на домаќинствата, догодина е предвидено со 15 милиони денари да се субвенционираат домаќинствата за купување на печки за греење на пелети. Дополнителни 10 милиони денари ќе бидат одвоени за субвенционирање на купувањето инвертер клима уреди во домаќинствата. За набавка на прочистувачи на воздухот во скопските средни училишта ќе бидат обезбедени 12 милиони денари. Училишните објекти под ингеренции на Град Скопје во 2018 година ќе добијат енергетско ефикасни фасади, за што се алоцирани 90 милиони денари.

 

Со градскиот буџет за 2018 година е предвидена поддршка за изградба на нови велосипедски, пешачки и трим-патеки во Скопје. Обезбедени се субвенции за купување велосипеди во висина од 10 милиони денари. Со буџетски средства ќе се финансираат проекти за подигнување на ново јавно зеленило на магистралните улици, но и за изведба на зелени кровни површини на станбени згради.

 

Во делот на инфраструктурата, за наредната година е предвидена изработка на проекти за одделни сообраќајници, кои би можеле да ги решат сообраќајните проблеми во одделни делови од градот. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов потсети дека претстојниот буџет ќе претставува сублимат од веќе започнати проекти и нови поинакви проекти. Преземените обврски од започнатите проекти ќе се реализираат.

 

„За наредната 2018 година, вкупниот буџет на Град Скопје е проценет на 6,2 милијарди денари и е за 10% помал од оној во 2017 година. Сепак, акцентот го ставивме на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфраструктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат за подобар економски раст и развој на нашиот град“ изјави градоначалникот Шилегов.