Нов Фонд за енергетска ефикасност ќе биде формиран од државата во насока на спроведување на мерките за енергетска ефикасност на објектите во земјава. Овој потег го најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на тркалезната маса „Развојот на пазарот во секторот домување: Фокус на енергетската ефикасност“, што денеска беше организирана од Хабитат Македонија. Надлежниот министер најави дека ќе се создаде нова легислатива за поусовршено следење на современите текови во градежништвото.
* Извор на фотографија: Хабитат Македонија
„Праксата покажува дека иако постоечкиот закон пропишува новите објекти да поседуваат потврда за енергетски ефикасен објект, голем дел од нив во процесот на изградба не соодејствуваат со пропишаните стандарди за енергетска ефикасност“ изјави министерот Горан Сугарески. Тој најави дека идниот фонд ќе обезбедува финансиски средства од енергетските компании од земјава, но и од фондови и грантови од Европската Унија. Планирано е и да се отворат локални центри за енергетска ефикасност, каде по барање на граѓаните, малите и средните претпријатија ќе се изготвуваат или ревидираат веќе изготвените проекти за енергетска ефикасност.
На денешната тркалезна маса зедоа учество и околу триесетина претставници од бизнис секторот и релевантни чинители од областа на енергетската ефикасност. „Прелиминарните проценки покажуваат дека македонскиот станбен сектор во згради со колективно домување има потреба од инвестиции вредни најмалку 300 милиони евра и дека ова вложување може да се исплати во период од 5-8 години, преку заштеда на 30-50% од потрошувачката на енергија за греење и ладење, што претставува 60-70% од вкупната потрошувачка на енергија во домаќинствата во Македонија“ изјави Зоран Костов, директор на Хабитат Македонија.
Тркалезната маса, која се одржа денес во Скопје, е дел од комплексен проект кој вклучува проценка на големината на пазарот и потенцијалот за инвестирање во енергетска ефикасност на колективните станбени згради во Македонија, преку систематска анализа на станбениот фонд, комбинирана со проценки за трошоците за енергетска ефикасност и обнова, како и долгорочните ефекти на ваквите зафати. Денешниот настан се организираше од Тервилигер центарот за иновации во домувањето од Атланта, САД и здружението Хабитат Македонија од Скопје.