Претходна статија
Сопрена изградбата на Панорамското тркало во Скопје
Следна статија
Ќе се корегира проектната документација за патната врска од Куманово кон Косово

„Скопје Ист Гејт“ влегува во фаза на проектирање

Објавено на 04.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Компанијата „Скопје Ист Гејт“ објави повик до проектантските куќи за доставување на понуди за изработка на проектната документација за идниот повеќенаменски комплекс од над 250.000 метри квадратни што ќе се гради кај Скопскиот саем. Инвеститорот веќе го избрал идејното решение за урбанистичко планирање и идејното архитектонско решение за трговски центар, станбен комплекс, комплекс од канцелариски згради, училиште, спортска сала и спортски терени.

 

 

Со огласот се бара фирма што ќе ги подготви урбанистичките планови за комплексот и основните проекти за планираните објекти. Меѓу нив, зацртано е да се изготви проект за рушење на постоечките објекти со површина од 33.000 метри квадратни и за дислокација на инсталации. Основниот проект за трговскиот центар би се однесувал за градба со површина од 65.000 метри квадратни над земја и дополнителни 70.000 метри квадратни под земја.

 

Основниот проект за станбениот комплекс би предвидел изградба на објекти што ќе се простираат на 100.000 метри квадратни над земја и 50.000 метри квадратни под земја. За комплексот на канцелариски згради е предвидена изработка на основен проект за објекти со површина од 75.000 метри квадратни над земја и 50.000 метри квадратни под земја. Инвеститорот е во потрага и по фирми што би ги подготвиле основните инфраструктурни проекти за идниот комплекс.

 

Компанијата „Скопје Ист Гејт“ пред повеќе од еден месец ја информираше јавноста дека планира да гради на празниот простор кај Скопскиот саем, каде што се наоѓа земјиште со големина од 155.000 метри квадратни. Целокупната инвестиција во комплексот би изнесувала 300 милиони евра и ќе се реализира во рок од пет до седум години. Градежните работи на првата фаза – изградбата на новиот трговски центар би започнале во есента 2018 година.