Претходна статија
Ќе се изготви инфраструктурен проект за планираниот автопат Букојчани - Кичево
Следна статија
Општина Неготино планира реставрација на Саат кулата

Заврши проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ кон Пинтија

Објавено на 28.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По речиси две години од почетокот на градежните работи, Градот Скопје ја заокружи санацијата и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ кон населбата Пинтија. Станува збор за третата фаза од овој проект, којашто опфати проширување на коловозот на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри. Долж целата траса се изградени пешачки патеки и велосипедска патека, при што е поставено и ново улично осветлување. За безбедно одвивање на сообраќајот се поставени семафори на две раскрсници.

Со изведбата на третата фаза од овој проект се добива булеварско решение за оваа сообраќајница, која се состои од четири коловозни ленти со должина од 13,7 метри. Најголем дел од проектот вреден 3,7 милиони евра е обезбеден од Европската банка за обнова и развој и од Светската банка, додека помал сегмент од средствата се алоцирани од градскиот буџет.

За целосно поврзување со најисточната урбана средина во Град Скопје, градската администрација во наредниот период ќе треба да ја изгради четвртата фаза од проширувањето на булевар „Борис Трајковски“, која ја опфаќа трасата од населбата Пинтија до населбата Драчево. Надградбата на оваа сообраќајница во булеварски профил започна во 2004 година во мандатот на поранешниот градоначалник Ристо Пенов.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk