Општина Неготино денеска распиша оглас за избор на фирма што ќе го изработи основниот проект, заедно со неговата ревизија, за конзервација, реставрација и реконструкција на архитектурата на Саат кулата во Неготино. Од општинскиот буџет за оваа намена е проценето дека ќе се одвојат околу половина милион денари. Доставувањето на понуди од заинтересираните субјекти треба да се изврши најдоцна до 7 декември. Изработката на основниот проект следува по завршените геомеханички испитувања на теренот, како и археолошките истражувања на нејзината внатрешност.
*Извор на фотографија: Општина Неготино
Саат кулата во Неготино е предвидено да се обнови во целост во текот на наредниот период. Целокупниот проект опфаќа конзервација, реставрација и реконструкција на објектот, решавање на подот на балконот, поставување на електрична инсталација и столарија, инсталирање на саат и ѕвоно на Саат кулата и партерно уредување на околниот простор. „Градот ќе добие нов, оплеменет урбан простор, кој, ако се земе во предвид местоположбата во централното градско подрачје, може да прерасне во простор за релаксација на граѓаните“ се наведува во објавениот оглас од Општина Неготино.