Продолжува непрекинатиот пад на цената на становите во главниот град. Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во најновиот Квартален извештај наведува дека цената на становите се намалила и во третиот квартал од годинава. Индексот на цените на становите на годишна основа во периодот јули-септември 2017 година бил понизок за 1,3%, наспроти намалувањето од 3,9% во претходниот квартал. Негативниот тренд е резултат на надолното приспособување на цените на становите, како во главниот град, така и во земјата во последниве неколку години.
Од централната банка очекуваат стабилизирање на вредноста на овој вид недвижности во наредниот период. „Наспроти двоцифрените стапки на раст во изминатите две години, во третиот квартал од годината дојде до намалување на изградбата на станбени згради, додека кај издадените одобренија за изградба на станбени згради се забележува забавување на годишната динамика на раст“ се наведува во Кварталниот извештај на НБРМ. Во објавениот документ се констатира дека нема позначајни промени на страната на побарувачката на станови, така што и во третиот квартал од 2017 година продолжил солидниот раст на станбените кредити.
Хедоничкиот индекс на цените на становите во Скопје е изготвен од НБРМ врз основа на огласите за продажба во главниот град, кои се објавени од агенциите што се занимаваат со промет на недвижности.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk