Претходна статија
Намалена градежната активност на македонските компании во странство
Следна статија
За 3,7% се намалил бројот на превезени патници во патниот превоз

Дождот поплави половина музеи и театри во Скопје

Објавено на 17.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Драмскиот театар, Музејот на современа уметност и Музејот на Македонија се соочија со сериозни штети предизвикани од дождот што непрекинато врне во изминативе денови. Од Министерството за култура денеска информираа дека по добиените информации е излезено на увид за да се утврди настанатата штета. Министерот Роберт Алаѓозовски го посети Музејот на современа уметност, додека заменик-министерот Владимир Лазовски ги посети објектите на Музејот на Македонија и Драмскиот театар.

 

Во Драмскиот театар уште денес ќе се преземат мерки за санација на состојбата и за локално санирање на кровот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства кровот да се санира и да се создадат елементарни услови за работа на Драмскиот театар. „Владата на Република и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение“ соопштуваат од Министерството за култура.

 

 

Во Музејот на Македонија е констатирана загрижувачка состојба, која е последица на долгогодишната негрижа и несанирањето на последиците од минатогодишниот земјотрес и поројните дождови од март годинава. Иако новото раководство презема итни мерки, потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од државниот буџет. Во лоша состојба е и Музејот на современа уметност, каде што има протекувања од повеќе локации. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати.

 

Протекувања на кровот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, Центар за култура „Антон Панов“ во Струмица, Центар за култура во Дебар, Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево, археолошкиот локалитет Стоби и други објекти низ земјава.