НУ Музеј на Македонија денеска го објави вториот по ред тендер за реновирање на административните простории во музејската зграда лоцирана во Старата скопска чаршија. За градежниот зафат е проценето дека ќе се одвојат речиси 1,3 милиони денари. Планирано е да се санира дел од покривот на објектот над канцелариите, реконструкција на санитариите на катот, поставување на нови прозорци во канцелариите и салите на објектот и санација на ѕидовите и плафонот во влезниот хол на приземјето од зградата. Заинтересираните фирми имаат рок до 10 ноември за да ги достават своите понуди за учество на тендерот.
Првичната тендерска постапка за реконструкција на дел од просториите на Музејот на Македонија беше поништена пред една недела. Самиот тендер беше објавен во септември годинава. Претстојниот санационен зафат е со предзнак „итно“, ако се земе во предвид фактот дека атмосферските влијанија подолг период придонесуваат за навлегување на вода во просториите на музејската зграда.