По одржаната дебата со наслов „Мала Станица – Минато, Сегашност, Иднина“ во текот на минатиот месец, Националната галерија на Македонија денеска го објави архитектонскиот Конкурс за избор на идејно решение за архитектонско – ентериерна реконструкција и функционална редефиниција на објектот „Мала Станица“ во центарот на Скопје. При изработката на идеален проект, архитектите треба да се водат од постојната организација на содржините во објектот и можноста за дополнување со нови според актуелните и идните потреби и барања на Националната галерија на Македонија.
*Изложбениот простор на објектот „Мала Станица“; Фото: Архива на „Билд“.
Покрај канцелариските простории и музејското депо, „Мала станица“ во иднина би требало да ја задржи галеријата, но и повторно да го оживее просторот со воведување на едукативен центар за студенти и ученици, книжарница и сувенирница, како и кафетерија за посетителите на објектот. „За да се задоволат сегашните, но и идните потреби и барања на Националната галерија на Македонија, неопходно е да се преземат архитектонско -ентериерни и инфраструктурни реконструктивни зафати врз постојниот објект“ наведуваат од оваа институција во распишаниот Конкурс.
Јавниот повик за доставување на архитектонските трудови ќе биде отворен до 21 ноември. Оформеното жири е предвидено да додели прва награда во висина од 200.000 денари, втора награда во износ од 60.000 денари и трета награда во вредност од 30.000 денари. Изработените идејни решенија за реконструкција и просторна редефиниција на објектот „Мала Станица“ треба да се достават до Националната галерија на Македонија.
Објектот „Мала Станица“ е изграден во 1924 година за потребите на железницата, а потоа е користен од Југословенската народна армија. Мултимедијалниот простор се простира на две нивоа, со површина од 2.000 метри квадратни. Објектот започнува да работи во состав на Националната галерија на Македонија во 2005 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk