Околу 91 милион денари ќе се вложат во реконструкција на 13 училишни објекти низ неколку општини во земјава. Министерството за образование и наука денеска распиша тендерска постапка за овој проект. Санационите зафати ќе се реализираат во наредните 12 месеци, колку што е и предвиденото времетраење на идните договори. Главен критериум за доделување на градежните работи ќе биде најниската понудена цена од изведувачите. Заинтересираните компании имаат рок до 2 ноември за да ги поднесат своите понуди до надлежното министерство.
Со претстојниот градежен зафат ќе се реконструираат објектите на ОУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип, ОУ „Тошо Арсов“ од Штип, ОУ „Бајрам Шабани“ од Куманово, ОУ „Крсте П. Мисирков“ од Оризари, ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје, ОУ „Васил Главинов“ од Чаир, ОУ „Бајрам Шабани“ од Кондово, ОУ „Перпарими“ од Чегране, ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел, ОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Бутел, ОУ „Кузман Шапкарев“ од Драчево, ОУ „Никола Карев“ од Пробиштип и ОУ „Јероним Де Рада“ од Черкезе.