Претходна статија
Бизнисмените од Балканот предлагаат електрификација на автопатиштата
Следна статија
Новите станбени згради во Тафталиџе ќе проголтаат 41 милион денари од градскиот буџет

Август ни донел двојно поголема бројка на предвидени станови за градење

Објавено на 10.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Последниот месец од изминатово лето ја дуплирал бројката на станови што допрва ќе се градат во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во текот на август 2017 година издале одобренија за градење на 559 станови, со вкупна корисна површина од 45.011 метри квадратни. Во споредба со идентичниот месец лани, бројката на предвидени станови за градење е зголемена за 202%, додека нивната површина пораснала за 64,1%. Во оваа бројка се вклучени и домовите во индивидуални куќи и становите во колективните згради.

Од аспект на инвеститор, градежните фирми доминирале во текот на овој месец. Деловните субјекти предвиделе изградба на 368 станови со површина од 23.140 метри квадратни, додека во останатите живеалишта ќе инвестираат физички лица. Како и досега, најголем интерес во земјава постои за изградба на трисобни (186) и на двособни станови (171). Скопскиот регион со 186 предвидени станови за градење останува најатрактивен за вложување при изведбата на овој вид недвижности. Општина Центар го одобрила градењето на најмногу станови во текот на август – вкупно 147, а по неа следуваат Струга (114) и Куманово (56).

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во август 2017 година биле издадени 232 одобренија за градење, што е за 6,8% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесувала 3.182.494 илјади денари, што е за 23% повеќе во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 154 (66,4%) се наменети за објекти од високоградба, 20 (8,6%) за објекти од нискоградба и 58 (25%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 232 објекти, кај 161 (69,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 71 (30,6%) објект инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk