Проектот за опремување на Македонската навигација (М-НАВ) доцни, а тендерскиот рок за набавка на опремата во два наврати бил пролонгиран. Вредноста на опремата поскапела за четири милиони евра, а за сите овие проблеми веќе реагирале од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). За да се реши проблемот, од ЕБРД деновиве биле во посета на М-НАВ, која се јавува во својство на корисник на кредит. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска беше во посета на М-НАВ за да се запознае со постојната ситуација. Тој нагласи дека е најважно да се заменат старите инструменти со нова опрема.
Со претстојниот проект ќе се набави нов систем за следење на летовите, нова радарска опрема за Македонската навигација, систем за комуникации и нова метео апаратура. Опремата е исклучително значајна за скопскиот аеродром „Александар Велики“, којшто во зимските месеци се соочува со магливи денови и често откажување на закажаните летови поради застарената опрема. Со новата опрема ќе се овозможи дуплирање на бројот на опслужувања на летовите на македонското небо. Наместо постојните 1.000 прелети, во иднина ќе може да се реализираат и до 2.500 прелети дневно.