Министерството за образование и наука ќе одвои дополнителни 6,7 милиони денари (околу 100.000 евра) за довршување на реконструкцијата на блоковите „В“ и „Г“ на студенскиот дом „Гоце Делчев“. Новиот договор се однесува на непредвидени работи што не биле опфатени во основниот договор за санација и адаптација на овој сместувачки капацитет. Санациониот зафат ќе продолжи и во текот на наредните месеци, а склучениот договор предвидува завршување на целокупниот проект во првиот квартал од 2018 година.
Со тековниот проект е предвидено во целост да се заврши реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Во изминативе години беа санирани блоковите „А“ и „Б“ од овој објект изграден кон средината на 70-тите години на дваесеттиот век. По неговото завршување, овој капацитет ќе треба да им овозможи на студентите да се сместат во 544 двокреветни, 64 еднокреветни и 54 соби за студенти во брак. Вкупната вредност за реконструкција на блоковите „В“ и „Г“ е во висина од 152.727.047 денари, а градежните работи ги изведува тетовската фирма „НБ Компани“. Архитектот Георги Константиновски е автор на проектот за изградба на студентскиот дом „Гоце Делчев“.