Претходна статија
Владата утврди нови рокови за продолжување на легализацијата на дивоградбите
Следна статија
Проектот „Скопје 2014“ е стопиран од Владата, но не и од Народната банка

И во Скопје ќе се воведе систем за самоизнајмување велосипеди

Објавено на 30.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По една деценија од воведувањето на „Велиб“ во Париз, Градот Скопје ќе се обиде да воведе алтернативен јавен превоз и во македонскиот главен град. Ј.П. „Градски паркинг“ ја распиша отворената постапка за набавка на 100 нови велосипеди и 10 терминали за самоизнајмување на овие превозни средства. Почнувајќи од 2018 година, во Скопје ќе може да се користат велосипеди во јавна сопственост преку систем за самоизнајмување. Досегашниот проект „Скопје изнајми велосипед“, пуштен во употреба пред седум години, ќе замине во историјата. Пунктовите на јавните паркинзи ќе се заменат со 10 киосци на неколку фреквентни локации, од каде што би можеле да се изнајмат и да се вратат јавните велосипеди.

 

*Системот за самоизнајмување велосипеди „Бицикељ“ во Љубљана; Фото: Бојан Блажевски.

 

Секој терминал за изнајмување ќе има по 13 држачи за велосипеди, на кои ќе може да се заклучи или отклучи самото превозно средство. Новите велосипеди ќе имаат електрични брави и интегриран GPS систем за да се оневозможи нивното крадење од несовесни граѓани. Од компанијата – набавувач на системот за самоизнајмување велосипеди се очекува да обезбеди 300 кориснички картички за изнајмување велосипеди. Јавното претпријатие ќе набави и софтверска апликација за полесно користење на услугите на јавните велосипеди од страна на граѓаните.

 

Локациите за поставување на десетте терминали за изнајмување велосипеди ќе се утврдат во дополнителната консултација меѓу Градот Скопје и најповолниот понудувач. „Економскиот оператор кој ќе биде избран за најповолен понудувач ќе биде одговорен за сите аспекти на инсталацијата, пуштањето во употреба, интернет мобилните конекции и одржувањето на системот во гарантниот период од 60 месеци“ се наведува во отворената постапка објавена на веб – страница на Бирото за јавни набавки.

 

Тендерската постапка е предвидено да заврши со електронска аукција. Понудите за учество во постапката треба да се достават преку Електронскиот систем за јавни набавки најдоцна до 6 септември. Најповолниот понудувач ќе треба да ги испорача велосипедите и да ја монтира целокупната опрема во рок од 120 дена по склучувањето на договорот. Ако целокупната постапка се спроведе во предвидениот рок, Скопје би можело да го добие својот прв систем за самоизнајмување велосипеди веќе од почетокот на 2018 година.

 

Системот за самоизнајмување велосипеди е популарен алтернативен јавен превоз во илјадници градови низ светот. Првенствено воведени во големите метрополи пред околу една деценија, овие проекти денеска се застапени во сите европски градови што имаат неколку десетици илјади жители. Пионерскиот потег во нашиот регион го направи Љубљана со проектот „Бицикељ“, којшто е воведен уште од 2011 година.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk